Министерството за образование и наука вложува во образованието на граѓаните на Република Македонија кои живеат и работат во странство затоа што врските со дијаспората ни се важни во градењето стабилна и економски просперитетна држава. Ова го нагласи ресорниот министер Јетон Шаќири на денешната средба со заменик-директорот на Агенцијата за иселеништво Измит Нура, на која во фокусот беше основното образование.

Посебно ни е значајно образованието на најмладите. Разговаравме за обезбедувањето наставници од нашата држава за да држат настава на децата на иселениците. Во рамки на законските надлежности, МОН како институција ги поддржува барањата кои ни доаѓаат од средините каде живеат наши граѓани и тоа ќе го правиме и во иднина, рече министерот за образование и наука Шаќири.

На средбата, како што соопшти МОН, се разговараше и за потребата за информирање на јавноста за активностите на овој план, како и за потребата за учебен материјал и лектири.

Заменик-директорот Нура посочи дека Агенцијата за иселеништво во реализацијата на стратешките планови и програми соработува со повеќе институции, меѓу кои и со Министерството за образование и наука. Тој информираше за виртуелната работилница наменета за наставниците кои водат настава во иселеништво, одржана на почетокот на учебната 2021/2022, на која беше презентирана новата наставна програма изготвена од Бирото за развој на образованието.