Ова со предлогов да има различна цена за електричната енергија за оние што трошат повеќе е целосно нерационално и во крајна линија незаконско и неуставно, пишува на Фејсбук поранешниот амбасадор Оливер Шамбевски.
Електрична енергија е производ, макар и да е стратешки и специфичен, во крајна линија е само производ, тоа тврдење е точно, но исто така е точно дека, денешната зависност на човештвото од овој ресурс ја прави повеќе од производ и на некој начин ел. енергија денес може да се смета за право.
Токму од тие причини, истата не смее да биде достапна под различни услови за различни категории на граѓани. Тоа никако не смее да се случи кога цената е регулирана, а особено, тоа не смее да се случи заради владината неспособност да ја обезбеди во доволни количини за граѓаните на Македонија.
За илустрација само, што ни се предлага… замислете да отидете во продавница да купите леб и човекот пред вас да го плати по 40 денари само затоа што купил два, а вие да го платите по 60 денари само заради тоа што сте купиле шест… секако ќе се побуните затоа што тоа не е праведно и ве доведува во нерамноправна позиција.
Од тие причини, апелирам до Регулаторната комисија за енергетика и до Владата на Република Македонија да не се поигруваат со граѓаните.
Таква одлука не смее да се донесе, таква одлука не е правилно да се донесе, не е законски и во крајна линија, заради нееднаквоста во која ги доведува граѓаните, таквата одлука ако се донесе ќе го прекрши Уставот на Република Македонија.