Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг изјави дека ја поздравува одлуката на Организацијата за безбедност и соработка на Европа ОБСЕ да му дозволи на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да присуствува на состанокот во Скопје.
Самитот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ се одржува од 3 ноември до 1 декември, а Лавров синоќа долета преку Турција и Грција, иако првично беше планирано да ја прелета Бугарија.
Бугарија одби да го отвори својот воздушен простор за авионот на Лавров ако во него се наоѓа портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова.
Минатата година, кога Полска го презема ротирачкото претседателство во ОБСЕ и одби да му дозволи на Лавров да присуствува на самитот, Шаленберг беше единствениот западен министер за надворешни работи кој ја критикуваше организацијата за тоа што не го покани рускиот дипломат.
„Западот не смее да се плаши да седне со Русите“, кажа Шаленберг, додавајќи дека тенденцијата на Западот да се изолира Москва е „опасна по живот“. Тој додаде дека дипломатијата која ја спроведува ОБСЕ е „класичен мултилатерализам во најдобра смисла“.
Шефот на австриската дипломатија истакна дека може „емоционално да ги разбере“ сите негодувања околу присуството на Лавров, но истакна дека ОБСЕ ќе биде незаменлив во периодот по завршувањето на украинскиот конфликт“.
„Ни треба повеќе ОБСЕ во иднина, а не помалку“, додаде Шаленберг.