Министерката Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на церемонијата по повод почнувањето на обуката на Лесната пешадиска баталјонска група сместена во касарната Јане Сандански во Штип, што ќе ја изведува 4.Бригада за асистенција на безбедносните сили од САД позната како 4thSFAB или Security Forces Assistance Brigade.

На свеченоста на која присуствуваше и американската амбасадорка Кејт Мари Брнс, тимот на SFAB, началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиноски и други претставници на Армијата, како и од американската амбасада, министерката изрази задоволство што Северна Македонија е една од петте земји од Европа кои ја користат оваа американска асистенција.

-Ова е прв пат американската Армија да ја искористи 4.Бригада за асистенција на безбедносните сили во Европа. И не е случајно што една од петте земји кои ја добиваат оваа поддршка е токму Северна Македонија, рече Шекеринска.

Американската обука, рече таа, е една од најпрестижните во светот на воените вештини и им честиташе на ЛПБГ и на Инженерскиот баталјон што ќе имаат можност професионално да растат и да се издигнат под менторство на Бригадата.

-Маките за поголем буџет и поголемо значење на Армијата се исплатеа бидејќи видовме колку може нашата Армија да расте, да се развива, и со гордост ќе го носи името на НАТО Армија. Особено треба да се гордее со тоа Штип. Денеска е убава коинциденција што сме овде и го ставаме тој печат на важност на Штип токму во денот кога градот го слави денот на своето ослободување, посочи Шекеринска подвлекувајќи дека Лесната пешадиска баталјонска група ќе ги „брани“ и боите на нашата татковина во НАТО.

Амбасадорката Брнс во своето обраќање истакна дека изборот Северна Македонија да добие поддршка од SFAB е одраз на извонредната репутација што ја имаат офицерите, подофицерите и војниците на Армијата како подготвени и способни партнери.

-Денешниот настан е одбележување на значајно достигнување во односите за одбранбена соработка меѓу двата народи. Во процесот на размислување на високите лидери каде најдобро да се ангажира Бригадата за поддршка на безбедносните сили не е изненадување што една од петте земји што ги избраа беше Северна Македонија. Ова е клучно време бидејќи сите вие поминувате низ историска воена модернизација и трансформација за да ги исполните Целите на способности на НАТО, рече амбасадорката Брнз.

На настанот се обрати и командантот на Командата за операции Бесник Емини кој рече дека со оваа асистенција се зголемува воената ефикасност и општите придобивки за државата.

САД испраќаат 40 инструктори распределени во три тима, кои ќе останат во државата до крајот на март.