Скопје доби шест нови еколошки автобуси, донација од Европската Унија, како дел од програмата „ЕУ за чист воздух“. Проектот, вреден 10 милиони евра, има за цел да поттикне граѓаните да користат јавен превоз и да помогне во намалување на загадувањето.

Не очекуваме дека утре сите граѓани ќе се качат во автобусите, но се надеваме дека овој проект ќе ги поттикне да размислат за оставање на автомобилите и користење на јавниот превоз,“ изјави претставник на делегацијата на ЕУ за време на промоцијата.


Еколошки автобуси: Дополнителни мерки за чист воздух

Министерот за животна средина, Изет Меџити, и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, присуствуваа на церемонијата на донацијата. Двајцата изразија уверување дека овој проект ќе придонесе за подобрување на јавниот превоз и ќе помогне во намалување на загадувањето.

Денеска е посебен ден за Скопје. Покрај владините мерки за намалување на аерозагадувањето, преземаме дополнителни чекори. Ќе набавиме уште 100-120 електрични автобуси за потребите на општините и на Град Скопје. Воздухот не познава граници, затоа сите мора да делуваме заедно,“ истакна Меџити.


Арсовска: „Успех за Скопје“

Градоначалничката Арсовска го поздрави проектот, нарекувајќи го успех за градот.

Освен што е успех, ова е и доказ дека нашата администрација, кога не е блокирана, може да спроведе проекти од големо значење за граѓаните. Овие 6 еколошки автобуси ќе бидат достапни уште од утре, а освен нив, ЕУ донира и 3.000 садници за зелени површини,“ изјави Арсовска.


Јавниот превоз и предизвиците на Скопје

Донацијата доаѓа во време кога јавниот градски превоз во Скопје се соочува со сериозни проблеми. Пред неколку недели, автобусите на ЈСП престанаа да сообраќаат поради недостиг на нафта, по што Владата му позајми гориво од државните резерви.

Жителите на Шуто Оризари, кои повеќе од две години немаат јавен превоз, предводени од градоначалникот Курто Дудуш, протестираа пред општинските бараки, барајќи оставка од градоначалничката Арсовска.

Граѓаните на Скопје веќе подолг временски период се жалат на недостапноста и несигурноста на јавниот превоз.

 

Новите автобуси и дополнителните мерки се чекор напред кон решавање на долгогодишните проблеми на скопјани со јавниот превоз и загадувањето. Поддршката од ЕУ покажува дека еколошките иницијативи можат значително да придонесат за подобрување на квалитетот на живот во главниот град.