Наставата, како што велат од Општината, се одвива со строго почитување на мерките за заштита од ковид-19, а подобрени биле и условите во објектите.

Обезбедени се средства за хигиена, посебен начин на влегување во училиштата и слични мерки предвидени со протоколите на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, велат од Општината, потврдувајќи дека има поединечни случаи на зараза со ковид-19, но нема простор за паника од ескалирање на состојбата.

Во изминатиот период, Општина Охрид инвестираше во повеќето згради на основните и средните училишта на подрачјето на општината. Според најавите, дел од нив ќе добијат и нов систем на греење и нова енергетски ефикасна фасада.

Во Струга нема паралелка во изолација и не бил пријавен ниеден професор или ученик со симптоми на коронавирусот. Според директорот на Општата болница, Арменд Асани, состојбата е стабилна, а во болнички услови се лекуваат 19 пациенти.

Од минатата недела, кога бројот на прегледи се движеше од 120 до 130 пациенти дневно, моментално тој број е намален на околу 80. Засега немаме случај на заболен ученик или наставен кадар, вели Асани.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, вчера во Охрид и Струга се регистрирани по девет новозаразени и моментално има 1.241 активен случај.