Шест лица се повредени вечерва откако биле жртви на напад со нож на плоштадот пред Операта во белгискиот град Антверпен, каде во моментот се одржувал протест.

– Сите имаат убодни рани, а две од жртвите се во критична состојба, соопшти портпаролот на локалната полиција Ваутер Браунс.

Според него, полицијата привела два лица кои се осомничени за поврзаност со нападот.

– Полицијата успеа да уапси двајца осомничени кои, според првичните наоди, се измешале со демонстрантите, рече Браунс.

Четири од повредните лица се пронајдени на плоштадот пред Операта, а останатите две во две околни улици.

Како што јавија белгиските медиуми, на местото на настанот пристигнале неколку медицински екипи кои им пружиле прва помош на жртвите и ги пренеле во болница.

Полицијата засега нема детали за нападот, ниту за неговите мотиви.

– На местото на настанот се спроведува темелна истрага, вклучително и форензичка анализа, додаде Браунс.