Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ и истакнат член на партијата смета дека актуелното раководство на СДСМ му прави политичко самоубиство со умисла.
„Мислам дека актуелното раководство врши самоубиство на Социјалдемократскиот сојуз. Ако сте раководител на СДСМ и го убивате СДСМ, тоа е самоубиство на Социјалдемократскиот сојуз“, рече Петре Шилегов во своето гостување на телевизија Телма.
Шилегов ова го посочи во однос на неговите пишувања на социјалните мрежи дека македонското законодавство познава убиство од небрежност, познава и убиство со умисла, но не познава самоубиство со умисла.
„Оваа моја изјава во таа форма беше дадена после неколку средби со актуелниот претседател на Социјалдемократскиот сојуз, господинот Филипче на кои што јас, овие ставови коишто сега ги презентирам пред вас и пред јавноста, со него ги разговарав на два пати во средби што траат повеќе од три часа во кои што се, да кажам, убедувавме и разговаравме со аргументи за потребата од промени на политиката и промени во раководството“, рече Шилегов.
