Шилегов: Постои договор СДСМ да ги промашува темите за да избегне истраги
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека постои договор СДСМ да се доведе во сегашната состојба, намерно да ги промашува темите и да му овозможи на ВМРО-ДПМНЕ да освои два мандати, со цел да се избегнат евентуални истраги и кривични постапки.
Изјавата ја даде за време на пауза од судското рочиште за предметот „Пулс“, каде што застапува еден од обвинетите.
Обвинувања за кадровска исцрпеност и процедура
Шилегов оцени дека партијата е кадровски исцрпена, додавајќи дека одлуката за иницирање на негово исклучување е спротивна на Статутот.
Според него, таквата постапка треба да ја води општинската организација, а не централното раководство.
Повик до Филипче за разговор во Карпош
Тој го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да дојде во општинската организација во Карпош, каде, како што истакна, треба да се разговара за неговото исклучување и за состојбите во партијата.
Барање за повлекување на раководството
Шилегов најави дека ќе продолжи со својата платформа и стратегија, притоа барајќи актуелното раководство да се повлече за да ја ослободи партијата, која, како што рече, некогаш била државотворна.
„СДСМ не е сопственост на една групација, па со неа да се пазарат за својата слобода“, рече Шилегов.
Изјавата следува откако Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да иницира постапка за негово исклучување од партијата.
