Високиот меѓународен претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит денеска предупреди дека е крајно време да се формира влада во таа земја врз основа на резултатите од изборите одржани уште во октомври и ги повика политичките партии да се однесуваат одговорно и на тој начин да обезбедат продолжување на потребните реформи.
Во авторски текст за сараевскиот „Дневни аваз“, Шмит за првпат се огласи откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина минатата недела ги отфрли жалбите на неговата одлука за измени на изборниот закон и Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина, кои беа поднесени од тогашните членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.
Уставниот суд оцени дека одлуките на Шмит од 2 октомври 2022 година се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и дека нема причина да се стават надвор од сила, а со тоа пропаднаа и очекувањата на Партијата за демократска акција (СДА) и Демократскиот фронт на Комшиќ (ДФ) дека оспорувањето на одлуките на Шмит на крајот ќе отвори простор за преземање на власта, пред сè во Федерацијата Босна и Херцеговина.
Откако станаа дел од владата на државно ниво, ХДЗ БиХ и блокот на бошњачките граѓански партии, предводени од СДП, исто така договорија коалиција на ниво на Федерацијата, а рокот за формирање на нова влада на тој ентитет истекува на 6 април.
„Политичките актери мора да се однесуваат одговорно и да го завршат процесот на формирање влада“, истакна Шмит. Иако ХДЗ и СДП со своите партнери имаат мнозинство во Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата, сепак имаат проблем бидејќи одлуката за именување влада одбива да ја потпише потпретседателот на ентитетот од СДА Рефик Лендо, а неговиот потпис е неопходен предуслов за законска постапка.
Медиумите во БиХ изминатиот викенд објавија дека високиот претставник планира повторно да ги искористи своите овластувања и веќе подготвил одлука за деблокирање на тој процес, јави Хина.
Според непотврдени најави, со таа одлука претседателот и едниот потпретседател на Федерацијата би имале право да назначат нова влада, а вториот, кој нема да се согласи со таа одлука, за своето вето ќе мора да добие поддршка од две третини од пратениците во матичната пратеничка група во Домот на народи.
Веднаш следеа реакции од СДА и ДФ, а овие партии повторно го обвинија Шмит дека пред се ја фаворизира ХДЗ БиХ, а истовремено ги загрозува правата на Бошњаците.
Претставникот на СДА во Собранието на Федерацијата Хамдија Абдиќ повика на „радикални потези“.
Од блокот предводен од СДП им одговорија со порака дека има едноставно решение, односно доколку не сакаат интервенција на Шмит, доволно е да се почитува волјата на мнозинството во парламентот и со тоа да се овозможи формирање влада.