Околу 40 тони марихуана се запленети во рамки на голема полициска акција спроведена вчера во Македонија, дознаваат медиумите од извори блиски до истрагата. Акцијата следи по откривањето на пет тони марихуана во Србија, пронајдени во камион со македонски регистарски таблички.

Според неофицијалните информации, околу десет тони марихуана биле пронајдени во магацин на фирмата „Алфафарм Груп ДОО Скопје“, лоциран во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Од магацинот, запленетата дрога била изнесена со конвој од околу 20 возила.

Дополнително, во Струмичко, во рамки на истата акција, биле запленети повеќе од 30 тони марихуана во друг правен субјект кој се занимавал со производство и складирање на медицински канабис, пренесуваат извори на Сител.

Засега нема официјални информации од Министерството за внатрешни работи или од Основното јавно обвинителство за точните количини и за евентуални приведувања. ОЈО веќе отвори истрага поврзана со случајот.

Меѓу осомничените е и основачот и сопственикот на „Алфафарм Груп“, кој претходно беше уапсен во Србија заедно со уште три лица, во случајот со запленетите пет тони марихуана во околината на Крушевац. Компанијата е регистрирана во Македонија во 2023 година, а во април 2024 година добила лиценца за производство на медицински канабис.

Премиерот Христијан Мицкоски го потврди сериозниот карактер на случајот, изјавувајќи дека јавноста ќе биде „шокирана од бројките“ и дека десетици тони дрога незаконски биле пуштени во промет или складирани во земјава.

– Ќе има одговорност за овие злоупотреби и криминални дејствија – порача премиерот, оценувајќи го случајот како „катастрофално наследство“ од претходната власт.

Министерот за здравство изјави дека сите компании со лиценца за одгледување медицински канабис се предмет на редовни и вонредни контроли, како и на задолжителни тримесечни извештаи. Тој додаде дека постои и годишен план за инспекциски надзори, како и ад хок проверки, но не сакаше да го коментира конкретниот случај.

Според податоците на Владата, од стапувањето во сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции до февруари 2026 година, одобренија за одгледување канабис добиле 61 правно лице, а во моментот активно функционираат 43 компании.