Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека тоа што се случи во Психијатриската болница во Бардовци, не е ништо ново и дека се случувало со години наназад.
Тоа таму не се случило сега, се случува години наназад и ние жалиме за тоа и поради тоа за прв пат покренавме мерки. Таму биле и службеници од МВР и ако треба ќе бидат и судските органи што треба да се занимаваат со тоа, а ние сме тука за се да помагаме како министерство за здравство, вели Меџити.
По вознемирувачкото видео кое се појави на интернет, здравствениот инспекторат изврши увид во болницата и нареди да се обезбеди лична сигурност на пациентите.
На видеото се виде како пациенти во психијатриската болница Бардовци снимаат и тепаат новодојден пациент. Директорот на психијатриската болница во Бардовци, Мухсин Арифи, образложи дека станува збор за пациенти сместени на судското одделение, каде што се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд, односно лица што сториле кривични дела, како убиство и обид за убиство.