Во Основниот кривичен суд денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија“, каде словенечкото вешто лице Маја Равник изнесе фрапантни детали за начинот на кој биле третирани дел од пациентите на клиниката. Според нејзините наоди, кај пациенти била воведувана имунотерапија без потребни молекуларни анализи, што директно довело до прогресија на болеста и влошување на состојбата.

Равник посочи случаи каде пациентка истовремено била лекувана за два типа рак без потврда кој е активен, како и давање хемотерапија во терминална фаза.

„Воведената терапија била несоодветна, болеста не била под контрола и тоа довело до дополнително влошување на состојбата заедно со прогресот на болеста“, истакна вештакот пред судот.

Таа додаде дека во најголем дел од анализираните случаи, лекарите не се воделе по медицинските потреби, туку давале лекови без соодветни индикации за конкретниот тип карцином.