Германија „со загриженост“ ги следи немирите во Франција, поради што е одложена и планираната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Берлин, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во интервју за телевизискиот канал АРД, Шолц изрази надеж дека француските власти брзо ќе ја исконтролираат ситуацијата.

– Не очекувам Франција да стане нестабилна, иако (телевизиските) снимки се многу загрижувачки. Со Франција имаме пријателски односи и со заеднички сили гарантираме дека Европската унија, која е толку важна за нашата иднина, функционира добро, поради што со загриженост следиме што се случува во таа земја. Искрено се надевам, и целосно сум убеден, дека францускиот претседател ќе најде начини кои гарантираат брзо подобрување на ситуацијата, рече Шолц.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера соопшти дека ја одложува државната посета на Германија, која требаше да започне вечерва.

Причината за одложувањето се немирите во Франција кои избувнаа во вторникот по убиството на тинејџер од страна на полицаец во предградие на Париз.