Германскиот канцелар Олаф Шолц, домаќинот на самитот на Г7, и францускиот претседател Емануел Макрон, денеска, по завршувањето на дводневната средба на врвот на седумтте најразвиени економии во светот во германското алпско градче Елмау, изјавија дека руските планови во Украина ќе пропаднат.
Германскиот канцелар Шолц рече дека санкциите ќе завршат кога Путин ќе прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат.
-Постои само еден излез за Путин, а тоа е да прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат, рече тој на прес-конференција по затворањето на Г7.
Шолц нагласи дека лидерите на Г7 сакаат Русија да ја плати максималната цена за инвазијата на Украина.
-Г7 останува обединета во поддршката на Украина, рече Шолц. „Ќе продолжиме да ја одржуваме и зајакнуваме економската и политичката цена што Путин и неговиот режим мора да ја платат“, нагласи тој.
Францускиот претседател изјави дека Русија има само една цел, а тоа е Украина да се предаде, но дека Москва нема да ја добие војната.
-Русија не може и не смее да победи во војната во Украина, а санкциите ќе траат колку што е потребно, рече Макрон на прес-конференција по самитот на Г7 во Германија.
Макрон додаде дека вчерашниот руски напад врз украинскиот трговски центар е „воено злосторство“ и дека Франција ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно.
Властите соопштија дека во вчерашниот напад врз трговски центар во централниот украински град Кременчук загинале 18 лица, а 36 се водат како исчезнати.
Макрон, исто така, пред самитот на НАТО во Мадрид од вторник до четврток рече дека земјите-членки на Алијансата мора да испратат порака за единство.
-Пораката што мора да се испрати од Мадрид е порака за единство и сила, истакна тој. „Се работи за безбедноста на европскиот континент.