ФИФА подготви богата забавна програма за полувремето на финалето на Светското првенство, која тешко може да се замисли дека ќе заврши во предвидените 15 минути.
По задолжителните паузи за освежување, со кои натпреварите практично беа поделени на четвртини без оглед на временските услови, светската фудбалска организација сега воведува и спектакл на полувремето по примерот на Супербоулот.
На стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси се најавени настапи на неколку светски музички ѕвезди. Поради обемната програма, се појавија шпекулации дека телевизиите што ќе го пренесуваат финалето се подготвуваат за пауза која би можела да трае и до половина час.
ФИФА уверува дека паузата нема многу да се продолжи
Од ФИФА претходно најавија дека прекинот меѓу двете полувремиња нема да трае подолго од 17 минути.
Сепак, и таквото продолжување би отстапувало од вообичаените правила, а останува нејасно како целата најавена програма би можела да се реализира за толку кратко време.
Критичарите сметаат дека ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино сè повеќе се обидуваат финалето на Мундијалот да го претворат во американски забавен спектакл.
Мадона, Шакира, БТС и Џастин Бибер
ФИФА уште во мај објави дека на првото шоу на полувремето во историјата на финалињата на Светското првенство ќе настапат Мадона, Шакира и БТС, една од најпознатите јужнокорејски поп-групи.
„Мадона, Шакира и БТС се глобални икони чија музика ги надминува границите и генерациите. Горди сме што го организираме првото шоу на полувремето во финале на Светско првенство, под режисерската палка на Крис Мартин од ‘Колдплеј’“, беше наведено во најавата.
Во програмата подоцна бил вклучен и Џастин Бибер, кој неодамна се врати на сцената, како и познатиот диригент Густаво Дудамел од Филхармонијата на Лос Анџелес.
Со толку многу изведувачи, главното прашање е дали програмата навистина ќе заврши за 15 до 17 минути или финалето ќе добие значително подолго полувреме.
Извор: Курир
