Растот на глобалните цени на гасот се совпадна со планираниот редовен ремонт во три од петте нуклеарни електрани во Шпанија и со падот на производството на хидроелектраните поради малото количество дожд, токму во моментот кога поради настапот на студеното време сѐ повеќе Шпанци го вклучуваат греењето.
За да ѝ помогне на енергетската мрежа да се избори со скокот на потрошувачката на струја, Ендеса оваа недела повторно ја активира работата во една единица на својата електрана на јаглен Ас Понтес, со сила од 1.400 мегавати, во северозападниот регион Галиција, пренесува Ројтерс.
Компанијата во 2019 година побара одобрение од владата да ја затвори оваа електрана во рамките на својот план за постепено напуштање на јагленот, во согласност со ветувањето на Шпанија дека ќе го прекине производството на струја од јаглен до 2030 година, вели портпаролот на компанијата.
Иако јагленот има минимален удел во енергетскиот микс на Шпанија – помалку од 2,0 отсто во вкупното производство на струја според податоците на консултантската компанија за клима Ембер – враќањето на Ас Понтес на мрежата е во голема спротивност со случувањето во соседна Португалија, која минатиот викенд ја затвори својата последна преостаната електрана на јаглен.
Сепак, Шпанија оди по сличен пат – до крајот на октомври во земјата е потрошено 16 отсто помалку јаглен отколку во истиот период во 2020 година, наведуваат од Ембер.
Бидејќи цените на природниот гас се близу до рекордно високи нивоа, и некои други земји привремено му се враќаат на јагленот.
Податоците на Ембер покажуваат дека производството на струја од јаглен во Европска Унија скокна за околу 18.000 гигаватчаса во третиот квартал, дури иако вкупната употреба на фосилни горива падна за 16.000 гигаватчаса, или за околу 7,0 отсто во однос на истото тримесечје една година пред тоа.