Шпанската влада побара од обвинителството да покрене истрага против дигиталните платформи X, Meta и TikTok поради сомнежи за создавање и ширење нелегална содржина со употреба на вештачка интелигенција, изјави премиерот Педро Санчез.
„Овие платформи го нарушуваат менталното здравје, достоинството и правата на нашите деца. Државата не може да го дозволи тоа. Неказнивоста на технолошките гиганти мора да заврши“, напиша Санчез на социјалната мрежа X.
Пред две недели тој најави пакет мерки за ограничување на онлајн злоупотребите и подобра заштита на малолетниците. Меѓу нив се и предлог за забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години и можност за судски постапки против раководители на платформи.
На изјавите на Санчез реагираше сопственикот на X, Илон Маск, кој на социјалните мрежи го нарече „тиранин и предавник на шпанскиот народ“.
Во меѓувреме, Европската комисија веќе покрена истраги поврзани со Meta, TikTok и системи за вештачка интелигенција, додека Ирска отвори постапка за користење лични податоци во алатки што би можеле да се злоупотребат за создавање сексуална содржина. Франција, пак, ја истражува мрежата X за наводно генерирање „дипфејк“ материјали.
Шпанската министерка за млади и деца Сира Рего изјави дека владата презема дополнителни чекори за заштита на децата на интернет и потсети дека уште во јануари било побарано обвинителството да провери дали платформите прекршиле закони поврзани со заштита на малолетници.
