Шпанската влада донесе одлука да не дозволи користење на својот воздушен простор и воени бази за американски операции поврзани со војната во Иран, со што јасно се дистанцира од конфликтот на Блискиот Исток.

Министерката за одбрана Маргарита Роблес изјави дека на САД не им е дозволено ниту прелетување, ниту користење на базите во Шпанија за вакви активности.

„Не дозволуваме користење на базите ниту на воздушниот простор за акции поврзани со војната во Иран“, рече Роблес во Мадрид.

Одлуката значи дека американските воени авиони ќе треба да користат алтернативни рути кон Блискиот Исток, иако се предвидени исклучоци за итни ситуации.

Потегот е дел од пошироката политика на шпанската влада, која се спротивставува на нападите врз Иран. Премиерот Педро Санчез е меѓу критичарите на американско-израелските операции, оценувајќи ги како еднострани и спротивни на меѓународното право.

Воедно, одлуката доаѓа во услови на затегнати односи меѓу сојузниците, откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно се закани со трговски мерки кон Мадрид поради одбивањето да се користат шпанските бази за воени цели.