Авионот на нискобуџетната мароканска воздухопловна компанија „Air Arabia Maroc“ кој полетал од Казабланка за Истанбул итно слетал во Палма де Мајорка поради наводно болен патник, објави шпанската Цивилна гарда.

Кога се отворила врата на авионот во петокот во 20,30 часот по локални време, 21 патник побегнал од леталото, соопшти во саботата регионалната влада. Меѓу 12-те уапсени уапсен е и болниот патник кој бил одведен па пуштен од болница. Со него бил сопатник кој се обидувал да побегне од болницата. Еден патник е уапсен поради агресивно однесување уште во авионот.

Портпаролката на регионалната влада Аина Калво изјави дека не е ретко авионите да бараат дозвола за итно слетување на аеродромот во Палма де Мајорка, но дека не е нормално „група патници да се решат да не ги почитуваат меѓународните правила“.

Полицијата истражува зошто патниците побегнале од авионот и дали станува збор за оркестриран план или, пак, за изолиран инцидент, додаде Калво. Најави дека патниците ќе бидат вратени во татковината, бидејќи во Шпанија влегле илегално.

Поради инцидентот аеродромот бил затворен повеќе од три часа, а авионите кои во тој период требало да слетаат биле пренасочувани на другите аеродроми, главно во Барселон, на Ибица и Менорка.