Шпански пензионер денеска поднесе петиција со повеќе од 600.000 потписи до централната банка на земјата, како дел од кампањата против зголемената употреба на дигитални услуги од страна на банките.
Карлос Сан Хуан (78) во знак на протест ја даде својата петиција со наслов „Стар сум, но не сум идиот“.
Тој ја достави петицијата до Министерството за економија и Централната банка во Мадрид, пренесува ДПА.
Сан Хуан, пензиониран лекар, бара шпанските банки да обезбедат услуги со персонал особено за постарите луѓе, наместо да ги канализираат во онлајн услуги, бидејќи генерално, постарите лица се потешко се снаоѓаат со онлајн банкарството.
Шпанските банки, како и многу други во светот, ги затвораат филијалите и го намалуваат времето кога се достапни за услуги лице в лице, што го натера Сан Хуан да повика на „итни мерки“.
Растечката употреба на дигитални услуги не влијае само на банките, објави весникот „Ел Паис“.
Околу една третина од Шпанците се чувствуваат ограничени во однос на нивната можност за пристап до услуги, работни места или државна помош поради дигиталниот јаз, покажуваат истражувањата.
Владата вети дека ќе лобира кај банките за да го направат персоналот достапен за постарите луѓе, велејќи дека индустријата го препознава проблемот и вети дека ќе го реши.