Премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон денеска ќе престојува во еднодневна официјална посета на Северна Македонија.

Се очекува тој во Скопје да има средби со премиерот Димитар Ковачевски и со претседателот Стево Пендаровски.

Посетата на државава е дел од турнеја на Санчез низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

Кабинетот на шпанскиот премиер соопшти дека Санчез ќе ги охрабри сите балкански земји да ги спроведат неопходните реформи што ќе им овозможи да го забрзаат приклучувањето во ЕУ и ќе им пренесе дека можат да сметаат на Мадрид за време на шпанското претседателство со Унијата во втората половина на 2023 година.

Санчез има намера да ја покаже и важноста што Шпанија ја придава на билатералните политички, економски и културни односи со државите од Западен Балкан, како и поддршка за напорите што ги преземаат да бидат дел од ЕУ. Поддршка која веќе беше пренесена на самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан што се одржа минатиот месец во Брисел пред состанокот на Европскиот совет, на кој Санчез се заложи за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија и давање статус кандидат за членство на Босна и Херцеговина.

Санчез во петокот од Белград на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека не смее да се заборави Западен Балкан.

– Војната е причината да почнеме да размислуваме за тоа што е Европа и кои сме ние Европејците. Не можеме да го заборавиме Западен Балкан. Денеска на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му ја пренесов поддршката на Шпанија за Србија да стане полноправна членка на ЕУ. Сега е момент, рече Санчез од Белград.

Поради посетата на Санчез на Скопје, Министерството за внатрешни работи најави дека центарот на главниот град денеска ќе биде под посебен сообраќен режим.