Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер од 29 ноември до 1 декември ќе престојува во официјална посета на Република Македонија.
Посетата на Штајнмајер, како што се наведува на официјалната веб страна на германскиот претседател, треба да се фокусира на ситуацијата во регионот, влијанието на руската агресивна војна во Украина и тековната поддршка на Германија за перспективите на земјата за пристапување во ЕУ.
Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Македонија.
Во Скопје, како што е најавено, се планирани политички разговори на 29 и 30 ноември, меѓу другото, со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а Штајнмајер треба да се обрати и во Парламентот, да се сретне со млади луѓе во Претседателскиот центар за политичко образование, да разговара со филмската екипа на филмот „Медена земја“ и да го посети првиот ветерен парк во земјата во Богданци.