Обвинетиот во случајот „Штекли“, Раде Трајковски, е во добра психичка состојба и способен да учествува во судската постапка – покажаа резултатите од психијатриското вештачење извршено во Психијатриската болница во Бардовци. Ова денеска во Основниот кривичен суд – Скопје го потврди д-р Оливера Поповска, невропсихијатар, која сведочеше на барање на одбраната.
Поповска објасни дека кај обвинетиот се забележани шизотипни и дисоцијални црти, но тие не претставуваат психичко растројство. Таа потврди дека Штекли ѝ предал писмо во кое оставил аманет на својата мајка „да му ги закопа коските во дворот“, споменувајќи дека „има змии во главата“. Според Поповска, овие изрази не се показател за халуцинации, туку за магиско мислење што не ја нарушува способноста за рационално расудување.
„Во разговорите, обвинетиот покажа носталгија по својот поранешен животен стил – споменуваше патувања, теретани и пријатели, што говори дека е ориентиран во реалноста,“ изјави Поповска.
Спротивно на тоа, одбраната смета дека Трајковски е психотичен и неспособен да ја следи расправата. Адвокатот Сашко Дуковски ги оцени наодите како „недозволен доказ“, обвинувајќи го Обвинителството дека без овластување наредило ново вештачење, спротивно на член 246 од Законот за кривична постапка.
Судечкиот совет, предводен од судијата Илија Трпков, најави дека ќе ги разгледа сите медицински извештаи – и на одбраната и на Обвинителството – пред да донесе одлука на следното рочиште, закажано за 13 октомври 2025 година.
Случајот „Штекли“ опфаќа организирана група од 10 лица обвинета за трговија со дрога. Според обвинението, групата набавувала и продавала кокаин и марихуана користејќи ја апликацијата Snapchat за шифрирана комуникација, а клучните докази биле прибавени преку „Cellebrite“ системот, донација од САД.
Во предметот, седум лица веќе признале вина и добиле затворски казни од три до три и пол години, а дел од обвинетите побарале спогодби со обвинителството.