Над 1.500 граѓани до пладне се возеа со градскиот линиски превоз во Штип кој почна да функционира од утринава. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски на денешната прес-конференција истакна дека интересот од страна на граѓаните голем, а за тоа зборува и сликата на терен.
-Сите возила од утринава тргнаа на време, без никакви проблеми. Имаме огромен одзив од граѓаните. Ако денот по утрото се познава, ова ќе биде успешен проект за сите, вели Стефановски.
Граѓаните кои денеска се превезуваа на линијата Трговски центар до населба Баби велат дека ако за такси превоз од нивната населба до центарот на градот плаќале 100 до 120 денари во еден правец, сега ќе се плаќа автобуска карта од 30 денари. Забележуваат дека со ова ќе имаат можност да одат до центгарот за помалку пари.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов апелираше јавниот превоз да се користи со цел да се намалт трошоците на граѓаните, но и да се намали гужвата во сообраќајот.
-Да ги смениме навиките на граѓаните за да придонесеме често да се користи јавниот превоз, пред се да се намали сообраќајниот метеж, намалување на трошоците на граѓаните, ова е само почеток, вели Јорданов.
На шест линии ќе возат седум автобуси,во приградските штипски населби и до Општина Карбинци. Но и покрај апелот и денеска автомобили имаше паркирано на автобуските постројки. Автобуските постројки кај Трговскиот центар, ООУ „Ванчо Прке“, Домот на култура и Градскиот пазар се само дел од севкупниот број кои се узурпирани од паркирани автомобили. На дел од нив новите автобуси воопшто и не можат да застанат, па влегувањето во и излегувањето на патници од автобусите предизвикува дополнителен сообраќаен метеж.
Градоначалникот Јорданов, посочи дека за решавање на ваквиот проблем во следниот период ќе има позачестени контроли во соработка со сообраќајната полиција.