Годинешното 41. издание на реномираниот фестивал „Макфест“ ќе се одржи на 30 и 31 октомври во Штип. Градот ќе биде центарот на македонската музичка сцена, собирајќи голем дел од естрадните уметници.
На фестивалот публиката ќе има можност да слушне 27 нови забавни композиции. На одржаната прес-конференција во Скопје организаторите посочија дека покрај познати изведувачи, простор ќе добијат и млади дебитанти.
Штипскиот градоначалник Иван Јорданов истакна дека локалната самоуправа останува посветена на поддршката на македонската песна.
„Можеби една од ретките општини што создава македонска музика, затоа што Макфест е единствен фестивал на забавна музика и преку ова очекувам и оваа година да има добри композиции, композитори кои ќе се промовираат, но и изведувачи. Пред сè затоа што Макфест е и дебитантски фестивал и очекувам да бидат доста дебитанти кои ќе се промовираат на македонската музичка сцена“, рече Јорданов.
Тој подвлече дека градот ќе биде подготвен да ги пречека гостите.
„Штип да биде центарот на македонската забавна музика и да продолжиме како град да ги негуваме и да ги поддржуваме македонската музика и култура“, порача Јорданов.
Уметничкиот директор на фестивалот Роберт Саздов се осврна на разновидноста на програмата.
„Генерално, Макфест се движи во водите на забавна музика, шлагер, поп музика. Меѓутоа, песните се прилично шарени во стиловите. И се надевам дека сите ќе уживаат во тоа“, додаде Саздов.
Оперативниот координатор Александар Арсовски потврди дека се збогатува ризницата на домашната забавна музика и најави посебно внимание кон еден од најуспешните изведувачи на фестивалот.
„Владо Јаневски дефинитивно е синоним на македонската забавна музика, учесник и победник на Макфест. Сразмерно на неговото дело кое што го има зад себе оставено, низ годините кои што твори на македонската забавна сцена, ќе биде достојно испочитуван и на самиот фестивал Макфест“, изјави Арсовски.
Новинарите на прес-конференцијата премиерно ги слушнаа рефрените на песните што ќе се натпреваруваат во Домот на културата во Штип.
На првата фестивалска вечер публиката ќе ги чуе Анастасија Спасевска, Драгана Јовановска, Девана, Kaly и Гоки, Санела Шукриевска, Ненад Вржалски, Три пати на ден, Дорис Ди, Арте-Факт, Ана Цамбулева, Доно, Тамара Грујеска, Теа Златева, Марија Наумоска и Елена Наумова.
Втората вечер ќе настапат Огнен Здравковски, Врчак и Симона Поповска, Елвир Мекиќ, Јован Јованов и Тони Зен, Ристо Самарџиев, Агни Авшар, Наташа Малинкова, Викторија Лоба, Thea Trajkovska, Давид Темелков, Марија Спасовска и Марија Данева.
