Пастрмалиите на „Штипската пастрмалијада” годинава ќе се продаваат по цена од 200 денари. Угостителите и организацискиот тим од Општина Штип денеска одржаа координативен состанок, на кој беше потврдено дека подготовката ќе биде по универзалниот стандард односно 250 грама тесто и 150 грама месо. Годинава нема да има ексклузивен спонзор, туку покровител е градоначалникот.
-Денеска се одржа информативен состанок со угостителите коишто пројавија желба и интерес да учествуваат на овогодинешната „Пастрмалијада“ во Штип. Задоволни сме од интересот. На овој состанок беа утврдени неколку технички и организациони работи коишто ни претстојат да ги сработиме пред почетокот на манифестацијата. Утврдена е цена на пастрмалиите од 200 денари. Немаме ексклузивен спонзор, односно покровител на манифестацијата е Градоначалникот на Општина Штип, изјави Александар Арсовски, член на организацискиот тим на Општина Штип.
Посочи дека пастрмалиите ќе се продаваат на вкупно 29 штанда кои ќе бидат понудени од угостителите. Пријавите се поднесуваат до среда, а во четврток изборот ќе биде по минатогодишниот принцип „прв дојден, прв услужен“.
– Договорен е краен рок за поднесување на пријавите, тоа е во среда, до 15:30 часот, во општинската Архива, а во четврток, во 14:00 часот угостителите ќе ги бираат своите штандови на принципот „прв дојден, прв услужен, рече Арсовски.
Манифестацијата „Штипска пастрмалијада“ годинава ќе се одржи на 22. и 23 септември, на добропознатата локација, односно кај Градскиот стадион, а програмата за двете вечери веќе е објавена од страна на организаторот, кој е Општина Штип.