Нови животни доби ЗОО паркот „Бриони“ во Штип. Мајмуните Лука и Луна, гривести павијани, од вчера се дел од големото семејство на ЗОО паркот во Штип. Трајче Здравков директор на ЈП „Исар“-Штип истакна дека ова е чекор понапред во оставрување на своите зацртани цели, овој простор да биде катче за сите посетители од Штип, регионот, но и државата.
– Најнови и најатрактивни се гривестите павијани кои од вчера се нови жители на ЗОО паркот, претходно имавме донесено коати и лемури кои се во долниот дел на ЗОО паркот, имаме нови пауни, парови на ноеви, нови птици и ред други животни кои денеска може да ги видиме во ЗОО паркот. Во наредниот ќе се обидеме да го збогатиме паркот со нови животни, а во наредниот период ќе се донесат и пар кенгурчиња, вели Здравков.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека во соработка со скопската и битолската зоолошка градина се врши размена на животни, а со тоа штипскиот ЗОО парк станува поатрактивна локација за посетителите. Со ова темпо е тенденција да се продолжи, за наредната година да има многу повеќе животни и содржини.
-Пред една година заедно со директорот на ЈП „Исар“, кога го посетивме ЗОО паркот „Бриони“ забележавме едно запоставено, руинирано место со неодржувани живеалишта. Си поставивме цел пред нас за една година да го вратиме народот, граѓаните, да ова место биде посетено од нив, да го зголемиме бројот на животни и да создадеме соодветни услови. Во комуникација со скопската и битолската зоолошка градина направивме размена на животни, создаваме насмевки на лицата на граѓаните кои го посетуваат ЗОО паркот,вели Јорданов.
За животните е обезбедена храна, а согласно нивните карактеристики за живот обезбедени се и со греење за претстојната сезона. Радува фактот што ЗОО паркот „Бриони“ станува се по посетено место, катче за сите категории граѓани, а поставените цели полека се исполнуваат.