Првиот случај на флурона е регистриран во Израел, а потоа и во Хрватска. Здравствените експерти стравуваат од „паралелна епидемија“ (твиндемија), односно од истовремена епидемија на коронавирус и сезонски грип, што може дополнително да ги оптовари здравствените системи.
Флурона е истовремена инфекција со корона вирусот и сезонски грип. Името на овој феномен потекнува од комбинацијата на зборот „корона“ и зборот „флу“, што на англиски значи грип.
Првиот случај на флурона беше потврден од израелските власти во четвртокот. Тој бил регистриран кај родилка во болница во израелскиот град Петах Тиква.
Директорот на гинеколошкото одделение на болницата, Арнон Вижницер, изјави дека мајката била позитивна на коронавирус и грип веднаш штом била примена во болница, што подоцна било потврдено со уште еден тест за двата вируса.
Заразената жена не била вакцинирана против коронавирус и грип, но имала само благи симптоми и била пуштена од болница во добра состојба.
Ова е прв документиран случај на истовремена инфекција со коронавирус и вирус на грип, но здравствените експерти веруваат дека има и други кои не се официјално потврдени. Имаше 19 пријави за пациенти со грип и ковид во Соединетите држави уште во пролетта 2020 година.
Страв од „твиндемија“
Израелското Министерство за здравство го истражува случајот и се обидува да утврди дали комбинацијата на двата вируса може да предизвика посериозни симптоми.
Експертите предупредуваат дека истовремената инфекција со грип и некои други респираторни вируси секако го ослабува организмот и имунолошкиот систем.
Дури и кога не се во исто тело во исто време, појавата на два вируса во ист период може да создаде сериозни проблеми за здравствените системи кои веќе се оптоварени. Во изминатите недели во Израел е зголемен бројот на заболени од сезонски грип. Минатата недела, 1.849 Израелци биле примени во болниците со грип, меѓу кои 605 деца и 124 бремени жени и родилки.
Затоа здравствените власти во Израел стравуваат од појава на „паралелна (twindemic) епидемија“ односно истовремена епидемија на коронавирус и сезонски грип. Се стравува дека голем број случаи на грип и ковид 19 би можеле да ги преоптоварат болниците, што беше спречено минатата година со ригорозни епидемиски мерки ширум светот.
Исто така, се претпоставува дека во исто време голем број заразени со коронавирус и сезонски грип ќе доведат до зголемен број на случаи на флурона, односно дека се повеќе луѓе ќе се заразат со комбинација од два вируса.