Постот не значи само откажување од мрсна и обилна храна, туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци, постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.

Извор: Палета7

Во животот на човекот во Македонија значајно место има велигденскиот пост. Постојат и други пости кои се велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости.

Што подразбира велигденскиот пост?

Најстрог и најдолг е велигденскиот или големиот пост, кој трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (четериесеница), од Чист понеделник до Лазарова сабота и уште Страсната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена. Исус пред да го почне своето учење, (откако бил крстен), 40 дена минал во пустина во строг пост и молитви. А бидејќи во текот на овој период се случиле и неговите страдања (фаќањето, мачењето и распетието) и постот е проследен со многу телесни и душевни одрекувања, со самоконтрола и со подготовки за причесната кога верниците се идентификуваат со својот спасител, јадејќи од лебот што симболично го претставува неговото тело и пиејќи од виното што, исто така, симболично ја претставува неговата крв. Оттука постот не е време на очаение и мрак, на страдања и измачување на телото и душата, туку е чин на радост и закрепнување, на љубов кон Бога и кон човекот. Затоа во една црковна песна се истакнува: ” Да постиме со пријатен пост е премамнување на злото, воздржување на јазикот, откажување од гневот, одбивање на похотите, на говорење лага и клетвопрестапништво”. И самиот Исус во евангелието истакнува дека постот е најдобар начин за истерување на демоните:”Овој пак род, се истерува само со молитви”.

Историски почетоци

Како значаен момент во животот на нашиот човек, велигденските пости нашле место и во народната литература, особено во песните. Јуначките песни за Кралот Марко посебно истакнуваат дека тој секогаш ги постел овие пости, по што одел во црква на причеста. Истражувачите на народниот живот сведочат дека постот е познат од најстари времиња, како забрана на јадење месо. Но во христијанството постот има друго значење, зашто не се работи само за забрана на јадење месо или производи од животинско потекло, туку и забрана за веселби и други телесни и душевни задоволства.

Во Стариот завет од светото писмо, постот повеќе пати се споменува, во функција на покајание и трпение или како знак на самоказнување, кога луѓето ја чувствуваат опасноста од Божјата казна и кога со пост и покајание се враќаат кон својот Бог. Некогаш овде постот е во функција на собирање нови сили или подготовка за извршување некој голем подвиг. Во новиот завет од Светото писмо, пак, читаме дека свети Јован Крстител, целиот свој век постел во пустина, дека Исус постел 40 дена пред да излезе на јавна проповед, дека пророчицата Ана, многу години минала во храмот “служејки му на бога со пост и молитва дење и ноќе”.

Во евангелието според Матеј, Исус самиот укажува дека постот треба да биде искрен, а не лажен и дека тој самиот ќе ги награди заслужните верници: “Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите, затоа што тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат.” Според “Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука”, постот го среќаваме уште во апостолските времиња кога тој ги обединува и сите верници. И светиот апостол Павле во Првото посЗњењ3епостат: “НЕ огледувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да постите и да му се молите на Бога, потоа пак да се состанете за да не ве искуши сатаната, поради вашето невоздржување. Ова, пак, ви го велам како совет, а не како заповед”. Притоа, во Второто послание самиот апостол Павле го истакнува и својот личен пример за овој однос. Имено, раскажувајќи за своите страдања како слуга Христов тој кажува дека повеќепати мачен, затворан, тепан до умирање, преживеал каменување, бродолом и други страдања, дека поголем дел од животот минал “во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење на студ и голотија”.

И во изминатите два милениума, постот бил важен момент во животот на човекот, особено на православните христијани. Во таа смисла, за постот се имаат искажувано многумина свети отци. Така, на пример, свети Јован Златоуст вели дека: “Суштината на постењето, не е во воздржување од храна, туку во оддалечувањето од гревовите. Оној што го ограничува постот исклучиво во воздржување од храна, тој бесчести над се”. Давајќи му важност на единството на телесниот и душевниот пост, свети Јован Златоуст истакнува дека: “Не вели ми: Толку дена сум постел, не јадев ова или она, не пиев вино, одев во старо руно, туку кажи ми дека од гневен човек стана тивок, од жесток-благ”. И свети Тихон Задонски, исто така, му придава значење на единството на телесниот и душевниот пост: “Пост е кога душата се воздржува од лоши мисли, зборови и дела”. Меѓутоа, треба да се истакне дека функцијата на постот, не е само правилен духовен развој, туку и правилен телесен развој, односно здравје. Оттука, не се без значење зборовите на светите отци Василеј Велики и Јован Златоуст дека “постот е мајка на телесното здравје и ако не им веруваш на моите зборови прашај ги лекарите, тие подобро ќе ти објаснат”. Значи постот тие го поврзуваат со здравјето и го нарекуваат “мајка на здравјето”.

Подготвителен период

Велигденскиот пост е единствениот што има подготвителен период од неколку недели. Најпрвин тоа е Неделата на блудниот син и најпосле Месопусната недела, кога за последен пат е дозволено да се јаде месо. Митарот (митник, цариник), го ограбувал народот и само преку покајание и барање прошка можел да се ослободи од гревот, а фарисејот, пак, иако живеел според правилата, со тоа што се чувствувал горд исто така направил грев за кој треба покајание и барање прошка. Значи покајанието и проштевањето се важни моменти за православните христијани пред започнувањето на велигденските пости.

Вистинскиот пост почнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади, затоа што тогаш се запокладува, (се запостува) со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и сирна недела, некои ја викаат и бела недела. Прочка се вика и Сирни поклади, поради тоа што оттогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади. Инаку бидејќи рибата се смета за мрсна храна, може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. Одобрувањето да се јаде риба на поголемите празници и за време на пост (како и виното и маслото) доаѓа од потребата, од една страна да се запази постот, а од друга страна на празникот да му даде поголема свеченост во празнувањето. Бидејќи Велигден, а со тоа и Велигденскиот пост се со променлив датум, ако Благовештението се падне пред Цветници дозволено е да се јаде риба, масло и вино, а ако се падне на Страдалната (страсната) седмица, тогаш не се јаде ниту риба.

Инаку има повеќе причини поради кои рибата се смета за посна храна. Најпрвин, Божјото проклетство за гревовите е фрлено на земјата, а не и во водата, а рибата е водно животно, потоа Господ ја благословил рибата, јадел од неа, и со неа направил неколку чуда како, на пример, кога со неколку риби и седум леба нахранува четири илјади гладни или во друг случај кога со две риби и пет леба нахранил пет илјади луѓе. Рибата како симбол е прифатена уште во првите векови од христијанството и според некои објаснувања го симболизира и самиот Исус Христос. И виното во почетокот се сметало за храна што го нарушува постот, но од 9ти век заедно со рибата и тоа се смета за посна храна што за време на постите се употребува само на големите Господови, Богородични, но и светителски празници.

Инаку, од постот никој не може да биде ослободен, но има извесни олеснувања за болните, леунките, децата и сл. Во таа смисла за овие луѓе може да се дозволи употреба на масло и вино, но никако месо, јајца, млеко, па дури и риба.