Спорот меѓу САД и Данска околу статусот на Гренланд отвора четири можни сценарија за идниот развој на настаните – од воена интервенција, преку обид за купување, до референдум или зголемено воено присуство на Арктикот, пренесува Дојче Веле.

По неуспешната средба во Вашингтон, Копенхаген порача дека постојат суштински несогласувања со САД, но беше договорено формирање заедничка работна група која ќе ги продолжи разговорите за иднината на островот. Средбата се одржа во чувствителна политичка атмосфера, обележана со американски закани за можна анексија, но без отворена конфронтација – двете страни само констатираа дека не се согласуваат и дека дијалогот ќе продолжи.

Можни сценарија

Можноста за воено преземање често ја споменува Доналд Трамп, а речиси никој не ја доведува во прашање способноста на американската војска брзо да го заземе островот. САД веќе имаат воено присуство во базата „Питуфик“ на северозападниот брег, каде се распоредени околу 200 американски војници, но таков контингент не би бил доволен за поширока операција.

Напад врз Гренланд, кој е дел од Кралството Данска, би значел напад врз членка на НАТО и би го активирал механизмот за колективна одбрана. Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека вакво сценарио би значело крај на Алијансата, отворајќи сериозни политички дилеми за Вашингтон и за иднината на НАТО.

Купување или референдум – опции без поддршка

Трамп повеќепати јавно говореше за „купување“ на Гренланд, идеја која Вашингтон ја разгледувал и по Втората светска војна, но која Данска тогаш ја одбила. По изборната победа во 2024 година, оваа опција повторно беше актуелизирана, а според медиумски извештаи се разгледувале и конкретни финансиски понуди по жител. И Данска и властите во Нук категорично ги отфрлија ваквите предлози.

Како трета можност се споменува референдум за независност, што теоретски би можело да отвори пат кон приклучување кон САД. Сепак, анкетите покажуваат дека околу 85% од населението е против такво сценарио, а по последните избори беше формирана широка коалиција како јасен сигнал за отфрлање на американското влијание. Премиерот Јенс Фредерик Нилсен порача дека доколку изборот мора да се направи веднаш, Гренланд ја избира Данска, НАТО и ЕУ.

Засилено воено присуство на Арктикот

Четвртото сценарио подразбира зголемување на американското и НАТО-присуството на Гренланд и Арктикот. Спогодбата од 1951 година им дозволува на САД да го користат островот за воени цели, а последните месеци повеќе членки на НАТО најавија засилени активности во регионот. Оваа недела започнува и заедничка извидничка мисија со учество на повеќе земји, меѓу кои и Германија.

Данска најави зајакнување на Арктичката команда и поголема координација со НАТО-партнерите, додека од почетокот на руската агресија врз Украина, Арктикот повторно доби стратешко значење за Алијансата. Дали ова сценарио е крајната цел на САД или само чекор кон подлабока ескалација, засега останува отворено прашање.