Гласањето помеѓу двајца кандидати

Во земјава денеска се одржува вториот круг од Локалните избори 2025, во кој граѓаните гласаат за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје.
Дополнително, на три избирачки места во општина Шуто Оризари се повторува гласањето и за советници.

Во овој изборен круг граѓаните избираат меѓу двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, а за градоначалник се избира оној што ќе освои повеќе гласови од вкупниот број важечки ливчиња.

Според Изборниот законик, доколку и по вториот круг не се избере градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Потоа, Владата во нов рок од 15 дена именува повереник кој ќе ги врши надлежностите на градоначалникот.

Процедура по изборите

Откако повереникот ќе биде назначен, Владата има обврска во рок од 15 дена да го извести претседателот на Собранието, кој потоа треба да распише нови избори за градоначалник.

Резултати и објава од ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги објавува првичните резултати сукцесивно, по електронски пат, а врз основа на податоците од општинските изборни комисии и Изборната комисија на Градот Скопје.
Официјалните резултати треба да бидат објавени во рок од 12 часа по затворањето на избирачките места, додека конечните резултати ДИК ги соопштува веднаш или најдоцна во рок од 24 часа од нивната потврда.