Во Музејот на град Скопје ќе биде прикажана приказната за едно од најзначајните музички семејства

Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, в сабота во Музејот на град Скопје ќе се одржи вечер посветена на познатото музичко семејство Шуплевски. Централен дел од настанот ќе биде проекцијата на документарниот филм „Шуплевски – ехо низ времето“, чиј автор е музикологот и професор по пијано Викица Костоска Пенева.

Филмот ја раскажува приказната за семејството Шуплевски, стара скопска фамилија од Чаир, чие музичко творештво опфаќа четири генерации и остава значаен белег во развојот на современата македонска музика во 20 и 21 век.

Четири генерации што ја обликуваа македонската музичка сцена

Приказната започнува со Трајко Шуплев, кој уште во дваесеттите години од минатиот век својот музички талент го претворил во животен повик како хорски и оркестарски диригент и музички педагог.

Неговата љубов кон музиката ја наследиле трите деца. Драган Шуплев станал еден од најистакнатите хорски диригенти и основоположник на школата за хорско диригирање. Гане Шуплев изградил кариера како врвен виолинист и долгогодишен член на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Оркестарот на Македонската радио-телевизија. Богданка Шуплевска, пак, била професорка по пијано и една од основоположниците на современата македонска школа за пијано во музичките училишта во Скопје.

Третата и четвртата генерација ја продолжуваат семејната традиција преку Сања и Весна – виолинистки со успешни меѓународни кариери како солистки, камерни и оркестарски музичари, Ирена – професор по пијано и хористка во хорот на Македонската радио-телевизија и хорот „Мирче Ацев“, Јана – виолончелистка, како и најмладиот наследник Илија Јовчев, кој е виолинист.

Филм за семејство што остави траен белег во културата

Според авторката Викица Костоска Пенева, членовите на семејството Шуплевски преку различни форми на музичко творештво одиграле значајна улога во преминот од македонското традиционално музичко наследство кон прифаќањето на западноевропските естетски принципи.

Нивното творештво, пред сè, го обележало музичкиот живот во Скопје, а подоцна и надвор од земјата, каде што успешно ја претставувале својата уметност.

„Наследството на Шуплевски е живо сведоштво за тоа како едно семејство може да стане симбол на истрајност во уметноста и инспирација за новите генерации“, истакнува авторката на филмот Викица Костоска Пенева.