Шведската министерка Росвал вчеравечер пристигна во Скопје, а денеска ќе биде на средба со Маричиќ, Османи, а и претставници на ВМРО-ДПМНЕ.

Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу-Халили на Меѓународниот аеродром – Скопје во понедленикот вечерта ја пречека шведската делегација предводена од министерката за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал, известија од Секретаријатот.

Абдиу-Халили ѝ посака добредојде на министерката за ЕУ и Нордиска соработка во Владата на Кралството Шведска и укажа дека официјалната посета на Скопје е уште една потврда на постојаната поддршка што Шведска ѝ ја дава на нашата држава во евроинтегративниот процес, со верување дека истовремено ќе даде дополнителен поттик за соработка помеѓу двете држави.

Росвал денеска ќе оствари тет-а-тет средба со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, а ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Османи.
Во рамки на официјалната посета на Скопје шведската делегација ќе се сретне и со претставници од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал, посетата на Скопје ја реализира за време на шведското претседавање со Советот на Европската Унија, што е од голема политичка важност за нас и за процесот на преговори со ЕУ, соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања.

Од Скопје шведската делегација заминува за Тирана каде министерката Росвал ќе оствари средби со високи државни претставници.