Американските сили на Блискиот Исток се подготвени да започнат нови, потенцијално обемни воени операции против Иран во рок од 96 часа од наредбата на американскиот претседател Доналд Трамп. Ова го потврдиле двајца американски функционери. Според нив, во регионот веќе се распоредени доволно воени сили за изведување на нападите, пишува „Си-Ен-Ен“.
Обемот на новите американски воени операции веројатно би бил значително поголем од досегашните акции, кои се сведуваа на уништување на ирански радари, лансирни рампи и друга опрема што лесно може да се замени. Таквата практика се применува откако Трамп претходно оваа година ги запре сеопфатните борбени операции.
„Ова ќе биде сериозна операција“, изјавил еден од функционерите за „Си-Ен-Ен“.
Со него се согласуваат и други актуелни и поранешни американски функционери запознаени со интерните воени планови. Некои од нив сметаат дека прашањето не е дали Трамп ќе издаде наредба за напад, туку кога ќе го направи тоа. Тие веруваат дека тоа би можело да се случи во кој било момент до крајот на годината, но најверојатно ќе се почека завршувањето на американските меѓумандатни избори.
Подготовки за напади и проценки за иранскиот одговор
Иранските сили сега подобро ја познаваат американската тактика, што би можело да ѝ ја отежни работата на американската војска ефикасно да ги уништи сите планирани цели. И покрај тоа, раководителите на Централната команда на САД (CENTCOM) и Пентагон составиле обемна листа на цели, која ги вклучува иранската енергетска инфраструктура, воените локации и нуклеарните постројки.
Функционерите наведуваат дека Трамп сè уште не донел конечна одлука за потезите по изборите, но се чини дека е наклонет кон наредување голема воена операција. Сепак, тие предупредуваат дека Трамп и претходно покажувал склоност кон одредени потези од кои на крајот се откажувал.
Белата куќа одбила да ја коментира ситуацијата.
Висок функционер на Пентагон за „Си-Ен-Ен“ изјавил:
„Министерството е организација за планирање и наша работа е да развиваме и спроведуваме воени опции што ќе ги нареди претседателот“.
Неодамнешните проценки на американските разузнавачки служби покажуваат дека Иран и Хутите многу сериозно ја сфаќаат можноста за нови напади од САД, а потенцијално и од Израел. Ова го потврдиле уште два извора запознаени со ситуацијата.
Според разузнавачките проценки, во случај на нови воени операции на САД и Израел, Техеран и Хутите веројатно веднаш би возвратиле со напади врз американскиот персонал и објекти во регионот, а можеби и пошироко.
Во декласифициран допис од 23 октомври, кој директорот на националната разузнавачка служба Џеј Клејтон му го испратил на државниот секретар Марко Рубио, се наведува дека Иран значително ги засилил активностите насочени против американскиот персонал. „Си-Ен-Ен“ претходно објави дека овие планови се во напредна фаза, како на Блискиот Исток, така и во некои други земји.
Американските разузнавачи веруваат дека Иран и Хутите во овој момент веројатно нема да извршат превентивни напади врз Американците или Израел, но нема да се двоумат да возвратат доколку американските или израелските сили први нападнат.
Регионалната закана што ја претставуваат Иран и Хутите е една од причините поради кои се очекува САД во наредните денови да продолжат со тивкото повлекување на персоналот од своите амбасади низ Блискиот Исток.
Иако американската амбасада во Ријад во моментов е единственото дипломатско претставништво во регионот со наредба за евакуација, извори на „Си-Ен-Ен“ велат дека слични директиви се очекуваат и за други локации. Оние што нема да добијат таква наредба ќе работат со намален број вработени.
Дополнително, на неесенцијалниот американски воен персонал, кој требало да биде дел од следната ротација на Блискиот Исток, му било кажано да не патува. Ова дополнително укажува на можноста за претстојна ескалација во регионот.
Командантот на CENTCOM, адмиралот Бред Купер, во неделата го посети Ормускиот Теснец, каде што американската војска одржува блокада на иранските пристаништа и помага во обезбедувањето на поморскиот сообраќај.
Купер со хеликоптер го прелетал теснецот за директно да се запознае со оперативната ситуација и се сретнал со војниците кои го чистеле теснецот од ирански мини.
„Продолжуваме со блиска соработка со нашите партнери во Заливот и со поморската индустрија“, порача Купер во соопштението. „Оваа посета ја потврдува нашата цврста посветеност на слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец“.
Цените на нафтата и понатаму се високи, и покрај зголемениот број танкери што минуваат низ теснецот, делумно поради стравот од ирански напади. Еден американски функционер признал дека сегашната состојба долгорочно е неодржлива.
Тоа би можело да биде една од причините поради кои Трамп би се одлучил за воена акција, иако се поставува прашањето дали Белата куќа има поширока стратегија за завршување на конфликтот.
Улогата на Израел и притисокот од Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира на нови напади врз Иран, но американските функционери бараат од него да почека додека администрацијата на Трамп не биде подготвена за заеднички операции. Ова го тврдат извори од американските и израелските безбедносни кругови.
„Нетанјаху навистина сакаше и се обиде да го убеди Трамп да започнат заеднички напад врз Иран пред изборите, но Трамп не го одобри тоа“, изјавил израелски безбедносен извор за „Си-Ен-Ен“.
Кабинетот на премиерот ги нарекол овие тврдења „лажни вести“.
Една од причините поради кои Трамп го одбил предлогот е тоа што началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, му рекол на американскиот генерал Ден Кејн дека таквиот потег би им наштетил на израелските избори и би довел до нивно одложување.
Израелскиот „Канал 12“ во неделата објави за судир меѓу Замир и Нетанјаху, кој се случил помалку од 48 часа пред изборите. Според извештајот, Замир добил директива од политичкиот врв поврзана со Иран, но побарал темелна расправа и правни одобренија пред да ја спроведе.
Тој се плашел дека таквиот потег би можел да доведе до погрешна проценка и да предизвика непосреден конфликт. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјавил дека извештајот е „целосно неоснован и лажен“.
Израел во изминатите недели се подготвувал за можноста од дополнителни напади врз Иран и лобирал кај американските функционери за поддршка. Сепак, високи американски функционери, меѓу кои и Трамп, му порачале на Израел да почека и навестиле дека двете земји наскоро ќе започнат заеднички операции.
Се чини дека Израел се согласил на одложување делумно и поради тоа што му е потребна американска помош во противвоздушната одбрана. Се очекува Иран и Хутите да возвратат на евентуален напад, а израелските залихи на одбранбени ракети се исцрпени за време на војната.
Неодамнешните американски разузнавачки проценки укажуваат дека Нетанјаху и неговите сојузници сè уште немаат јасна стратешка цел, освен желбата да покажат одреден вид „напредок“ и да продолжат со слабеењето на иранскиот режим.
Нетанјаху оваа недела, во говор на промоција на офицери, изјавил дека неговата директива до војската, Мосад и другите служби е соборување на режимот во Иран.
„Плановите се подготвени и се чека одобрувањето на Трамп, што би можело да се случи по изборите“, заклучил изворот за „Си-Ен-Ен“.
