Трагедија во Кочани: Пожар во дискотека одекна низ регионот и светот

„Жртви во пожар во дискотека во Македонија“, „Десетици повредени“ – веста за трагедијата во Кочани брзо се прошири низ регионот и светот. Си-Ен-Ен и Би-Би-Си известуваат за несреќата, која ја потресе јавноста.

„Пожарот избувнал во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, јавуваат локалните медиуми. Видеото од внатрешноста на местото покажува како бенд настапува додека пиротехничките средства исфрлаат искри на предниот дел на бината. Искрите стигнуваат до таванот и го палат“, пренесува Си-Ен-Ен.

Би-Би-Си ја пренесува пораката на премиерот Мицкоски: „Тежок и тажен ден“, притоа известувајќи за концертот на познатиот македонски бенд „ДНК“.

„Околу 1.500 луѓе присуствувале на концертот на ДНК, популарно хип-хоп дуо во земјата, кога избил пожарот. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека покривот на зградата е зафатен од пламен“, стои на страницата на Би-Би-Си.

Франс 24 објави дека пожарот најверојатно е предизвикан од „пиротехнички средства“ употребени за време на концертот, потсетувајќи на трагедијата од пред четири години во Тетово. „Страшна и незапаметена трагедија“ – пренесува Ал Џезира.

Владата на денешната седница ќе донесе одлука за 7 дневна жалост поради трагедијата во Кочани

Регионот исто така е во неверување. Насловните страници на РТС и ХРТ осамнаа со трагичната вест. „Голем пожар во Кочани – 51 лице загина, 18 повредени се во критична состојба“, објави РТС.

„Повеќе од 150 лица се повредени и префрлени во болниците во Штип и Скопје. 18 лица се во критична состојба. Сопственикот на дискотеката и организаторите на концертот се уапсени. Истрагата за причините за пожарот е во тек“, објави РТС.

Српски „Телеграф“ од минута во минута ги пренесува случувањата од Македонија, а „Блиц“ известува за реакциите на македонските јавни личности, нарекувајќи ја несреќата „Претажно и незамисливо“.

Во трагедијата во Кочани, која ја потресе земјата и светот, десетици луѓе го загубија животот, а над стотина се повредени.