Русија, САД и Кина во последниве години изградија нови објекти и ископаа нови тунели на нивните полигони за нуклеарни тестирања, покажуваат сателитски снимки кои ги добил Си-Ен-Ен.
Иако нема докази кои би укажувале дека Русија, САД или Кина се подготвуваат за непосредна нуклеарна проба, фотографиите кои ги добил и обезбедил на американската телевизија истакнатиот воен аналитичар покажуваат неодамнешни проширувања на три локации за нуклеарни тестирања.
Едната локација се наоѓа во Кина, во крајниот западен регион Ксинџијанг, втората е во Русија, во архипелагот на Арктичкиот Океан, а третата припаѓа на САД и се наоѓа во пустината Невада.
„Сателитските снимки направени во изминатите три до пет години покажуваат нови тунели под планините, нови патишта и магацини, како и зголемен сообраќај на возила на местата“, рече Џефри Луис, вонреден професор во Центарот за непролиферација Џејмс Мартин и на Институтот за меѓународни студии Мидлбури.
Тој додаде дека има многу индиции дека Русија, Кина и САД може да продолжат со нуклеарните тестирања, нешто што ниту една од тие земји не го направила откако подземните нуклеарни тестирања беа забранети според договорот од 1996 година.
Кина и САД го потпишаа тој договор, но не го ратификуваа, за разлика од Москва, меѓутоа рускиот претседател Владимир Путин во февруари рече дека ќе нареди тестирање ако САД тргнат први, потсетува Си-Ен-Ен.