Хонгконг ги надмина своите предизвици и стана од пепелот, изјави денеска кинескиот претседател Си Џинпинг при посетата на градот.
Си заедно со сопругата Пенг Лијуан допатува во градот за да присуствува на одбележувањето на 25-годишнината од враќањето на поранешната британска колонија под власта на Пекинг и инаугурацијата на новиот градски водач Џон Ли.
Доаѓањето на Си со брз воз претставува негова прва посета на Хонгконг од 2017 година и прво патување надвор од континентална Кина во над две години поради епидемијата од коронавирусот.
– Хонгконг одново и одново издржа тешки тестови, совладувајќи ги предизвиците еден по еден, истакна тој за време на кусиот говор.
Тој додаде дека Хонгонг „по дождот и ветрот, стана од пепелот“.
Меѓу оние кои ги пречекаа Си и неговата сопруга, беше и лидерката на Хонгконг во заминување, Кери Лам, во друштво на својот сопруг.
Обезбедувањето на железничката станица беше строго, а полицијата вршеше проверки запирајќи и претресувајќи, имаше помош од кучиња трагачи.
Хонгконг ѝ е предаден на Кина на 1 јули 1997 година, по 156 години британско колонијално владеење.