На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија успешно е направена реплантација на десна подлактица, кај пациент кој си ја отсекол подлактицата при работа со моторна пила.
-Реплантацијата на горен екстремитет е една од најкомплексните хируршки интервенции која вклучува остеосинтеза на коските, реваскуларизација-анастомиоза на артерии и на вени, реконструкција на нервите и на мускуло-тетивниот апарат и реконструкција на мекоткивната покривка. Пациентот беше самоповреден со моторна пила, примен на Клиниката за пластична хириргија во хеморагичен шок неколку часа по повредата. Веднаш по приемот се организираше тимот и се направи хируршката интервенција бидејки кај овој тип на операции има мал временски прозорец за интервенција (до 6 часа од повреда), се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Пациентот, се посочува, бил примен со ампутирана десна рака, а денеска од Клиниката го испраќаат среќен и задоволен дома со две раце.
-Чуството кога пациентот ќе ти ја подаде раката да се збогувате е бесценето. Тимската работа и посветеноста на персоналот секогаш дава успешни резултати. Оваа соработка ќе ја продолжиме и понатаму, се нагласува во соопштението.
Оваа комплексна интервенција била изведена од тим хирурзи и анестезиолози: Од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија: Доц.д-р Софија Пејкова, Д-р Бисера Николовска, Д-р Гордана Георгиева, Од Универзитетската клиника за кардиохиругија: Д-р Мишел Андов, Од Универзитетската клиника за трауматологија Д-р Игор Мерџановски, од Универзитетската клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување Д-р Јасна Бушиноска. Исто така, тимот бил во постојана комуникација со Проф. Д-р Оскар Азман, пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицински факултет од Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил објави дека го посетил пациентот на Клиниката.
-Утрово на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија го посетив 54 годишниот Џафер Алија, на кој му беше реплантирана десната рака. Пред месец ипол Џафер се самоповредил, си ја отсекол десната подлактица, работејќи со моторна пила и на Клиниката бил примен во тешка состојба. Сега пациентот се чуствува добро, неизмерна е неговата радост што десната рака повторно може да ја користи. Ваков вид операција на Клиниката нема направено изминативе триесетина години, за успехот им честитам на моите колеги лекари и целиот медицински тим, напиша Филипче.