Ден на жалост по терористичкиот напад во Сиднеј

Австралија денеска одбележува Ден на жалост по терористичкиот напад на плажата „Бонди“ во Сиднеј, во кој загинаа 15 лица, а десетици се ранети, од кои неколкумина се во критична состојба. Нападот се случил за време на еврејски фестивал посветен на Ханука, а истрагата упатува на поврзаност на напаѓачите со Исламска држава.

Знамињата низ земјата се спуштени на половина копје по нападот што го извршиле двајца вооружени мажи – татко и син – кои отвориле оган врз присутните на плажата, каде што во моментот имало околу 1.000 луѓе. Меѓу повредените има и фудбалер кој настапувал за македонскиот фудбалски клуб „Рокдејл Илинден“. Жртвите се на возраст од 10 до 87 години.

Австралиските власти најавија заострување на законите за поседување оружје, со ограничување на бројот на оружја што може да ги поседува едно лице, дополнителни рестрикции на лиценците и забрана за поседување оружје за лица кои не се државјани на Австралија.

„Ова беше напад намерно насочен кон еврејската заедница на првиот ден од Ханука, што секако треба да биде радосна прослава. Ќе направиме сè што е потребно за да го искорениме антисемитизмот. Австралија никогаш нема да се покори на поделби, насилство или омраза и ќе го надминеме ова заедно. Одбиваме да им дозволиме да не поделат како нација“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

Таткото, 50-годишниот Саџид Акрам, бил убиен на самото место при престрелка со полицијата. Тој бил регистриран сопственик на шест огнени оружја. Неговиот син, 24-годишниот Навид Акрам, е хоспитализиран со сериозни повреди. Двајцата имале дозволи за оружје за рекреативен лов од 2015 година.

При претресите на нивните имоти, полицијата пронашла импровизирани експлозивни направи и знамиња на Исламска држава.

„Знаеме дека голем број луѓе се живи сега благодарение на постапките на невини минувачи и им се заблагодарувам за работата што ја вршат. Нашата истрага во рамките на операцијата продолжува. Во моментов имаме 24-годишен маж во болница. Врз основа на неговата медицинска состојба, веројатно е дека тоа лице може да се соочи со кривични пријави“, рече Мал Ланион, полициски комесар на Нов Јужен Велс.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека претходно ги предупредил австралиските власти дека поддршката за палестинската државност ќе придонесе за пораст на антисемитизмот.

„Тие масакрираа Евреи во Сиднеј, Австралија. Пред четири месеци, му напишав писмо на премиерот на Австралија. Му реков, Вашата политика охрабрува тероризам. Таа охрабрува антисемитизам. Вие повикувате на палестинска држава и во суштина му давате награда на Хамас за ужасниот масакр што го извршија врз нас на 7 октомври“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

По нападот, безбедносните мерки се зајакнати во голем број светски метрополи, меѓу кои Берлин, Лондон, Њујорк и Варшава, додека меѓународната заедница упати осуди за насилството мотивирано од омраза.