Унгарија не може да гарантира непречено функционирање на економијата без руска нафта, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
За време на работната посета на Казахстан, тој рече дека Унгарија гласала за секој пакет санкции на ЕУ против Русија, но дека и покрај тоа секогаш се соочува со неправедни приговори од Унијата, пренесува Интерфакс.
„Во овој момент, без руска нафта, не можеме да гарантираме непречено функционирање на нашата економија. Морам да напоменам дека немаме на располагање друга рута што би можела да нè снабдува со потребната количина нафта“, посочи Сијарто.
Тој нагласи дека Унгарија ја поддржува иницијативата на Европската унија за енергетска диверзификација, но оцени дека воведувањето санкции за руската нафта може да ја попречи Унгарија да го започне проектот.
„Ние работиме на овој проект, така што ја зголемивме количината на нафта што доаѓа од Казахстан на 16 отсто“, рече Сијарто.
Тој додаде дека нафтата од Казахстан доаѓа само преку Русија и дека доколку се воведат санкции кои ја спречуваат испораката на нафта од Русија, Унгарија нема да може да започне со диверзификација на изворите на енергија.