Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, на денешната средба во Белград со српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ, најави изградба на нов нафтовод од Унгарија до Србија долг над сто километри.
Предвидено е нафтоводот да почнува од Алѓе во Унгарија до Нови Сад во Србија.
Нафтоводот ќе биде изграден во соработка со унгарската компанија Мол и српската фирма Транснафта, а на заедничка владина седница ќе биде потпишан договор.
Сијарто наведе дека на средбата се усвоени неколку одлуки за подобрување на енергетската состојба на двете држави. Предвидено е унгарската државна електроенергетска компанија МВМ и Србијагас ќе формираат мешовита фирма, а МВМ ќе учествува во модернизација на електродистрибутивната мрежа во Србија.
Договорено е и Србија да складира сто милиони кубни метри гас во унгарските магацини и дека е постигнат напредок во зголемување или удвојување на капацитетот на конектори на електричната мрежа.
Сијарто најави и изградба на нов граничен премин Сантово-Бачки Брег кој ќе ги растовари постоечките премини и ќе биде во согласност со европските стандарди.
Момировиќ изјави дека вкупната трговска размена со Унгарија во првите три месеци од годинава изнесува 824 милиони евра со суфицит на српска страна, а извозот во Унгарија изнесува 433 милиони евра со раст од над 25 отсто.
Нашата цел е оваа година да оствариме трговска размена од повеќе од четири милијарди евра, нагласи Момировиќ, додавајќи оти во 2012 година извозот во Унгарија изнесувал 245 милиони евра.