Неодамнешниот чекор што го презеде Бугарија, која со ултиматум ги зголеми давачките за за транзит за природниот гас за Унгарија, Србија и Северна Македонија е акт на непријателство, изјави унгарскиот министер.
Проширувањето на Европската Унија треба да се забрза и вистинските преговори со Северна Македонија да започнат веднаш. Местото на Западен Балкан е во ЕУ, порача унгарскиот министер за надвопрешни работи Петер Сијарто за време на денешната работна посета на земјава.
Според Сијарто, „страшно“ е тоа што Македонија не може да ги почне преговорите со ЕУ заради Бугарија, иако е земја кандидат веќе 18 години. На за едничката прес-конференција со министерот Бујар Османи тој кажа дека сѐ уште има некои земји членки кои го забавуваат процес на преговори и поставуваат пречки. Но, најави дека Будимпешта ќе го стави цврсто ова прашање на агендата кога ќе го презеде претседателството со ЕУ наредните шест месеци.
– За нас ова е страшно. Страшно е Северна Македонија да е земја кандидат веќе 18 години и да не ги почне преговорите, тоа е одвратно и покажува непочитување кон земјата кандидат, а воедно е контрапродуктивно за ЕУ бидејќи и го урива кредибилитетот. Кога ќе го преземеме Претседателството со ЕУ ќе ги превртиме сите камења за да бидеме сигурни дека пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан ќе се случи што е можно побрзо, рече Сијарто.
Тој информираше и дека на средбата со Османи разговарале и за зголемувањето на таксите за транзит на природниот гас од страна на Бугарија и потенцираше дека ова претставува чин на непријателство и чекор кој што ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија, Македонија и Србија. Унгарската влада, како што кажа, во понеделникот покренала прекршочна постапка во ЕУ.
– Никој нема право да ја загрозува безбедноста на другите. Неодамнешниот чекор што го презеде Бугарија, која со ултиматум ги зголеми давачките за Унгарија, Србија и Северна Македонија, односно таксите за транзит за природниот гас е акт на непријателство. Ние ќе преземеме дополнителни чекори и дејствија во однос на оваа состојба. Ја започнавме прекршочната постапка на ЕУ кон Бугарија и денеска заедно со Османи се договоривме дека унгарската и Владата на Северна Македонија ќе се консултираат и ќе продолжат да ги координираат сите понатамошни чекори, за да се осигураме дека енергетската безбедност на ниедна од нашите земји нема да биде загрозена од дејствијата на Бугарија, додаде Сијарто.
Во однос на ова, Османи додаде дека станува збор за нелегално воведена такса која што е спротивна на европските правила, и со тоа и се наштетува на економијата на нашата земја во сегашниот критичен период.