Превривања во владината коалиција

Следната недела премиерот Мицкоски ќе го испие „завршното“ кафе со Таравари, жаргонски кажано „сиктер кафе“. На таа средба се очекува претседателот на Алијансата на Албанците искрено да ја каже својата одлука.

Таравари на излезна врата од Владата

Повеќе од јасно е дека Таравари се враќа во прегратките на Ахмети чија партија 20 години ја пустошеше државата – вели премиерот. Според него одлуката е донесен во теснопартиските кругови, времето ќе покаже дали членството ќе ја подржи. Владата е стабилна и посветена на реформскиот процес-дециден е Мицкоски.

„Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука. Убеден сум дека тоа е одлука на малкумина, не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето коишто се дел од оваа влада. Чесно беше и доблесно самиот тоа да го направи, да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние коишто повеќе од две децении ја пустошеја, ја криминализираа, ја ограбуваа, ја фрлија Македонија на колена“, изјави Мицкоски.

Таравари вели дека ќе се фокусира на локалните избори

Таравари со став – за Алијансата за Албанците би било подобро во опозиција, со оглед на ситуацијата во која се наоѓаат. Оценува дека се врши притисок врз претседателот на Владата, Алијансата да ја напушти „Илинденска“. Партиските органи сè уште немаат донесено одлука. Таравари вели ќе се фокусираат на претстојните локални избори.

„Гледам притисоци што прават на премиерот дека мора Алијанса да ја тргне од Владата. Не е проблем! Не сме се родиле во Влада! Секогаш кога сме излегле од Владата, сме се вратиле многу посилно. Нашето враќање е бројот на општините, а мене воопшто не ми е гајле. Јас знам дека оваа за АА и членството е екстра мотивација, бидејќи не значи да си во влада а да не вршиш ниту една работа“, изјави Таравари.

На 5-ти мај Мицкоски и Таравари остварија средба, која беше закажана по превирањата во коалицијата „Вреди“ и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ.

Владината коалиција останува стабилна

И покрај случувањата и ваквото „сиктер кафе“ за Таравари, Мицкоски увери дека Владата останува стабилна и ќе продолжи со спроведување на реформите. Владата е составена од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и „ЗНАМ – За наша Македонија“, со вкупно 24 министри.

500 нови работни места: Мицкоски најави нова инвестиција од швајцарска компанија

Алијанса за Албанците има две министерски места – здравство и добро владеење. По можниот излез на партијата од Владата, нејасно е дали тие позиции ќе бидат пополнети или прераспределени.

Извор: МРТ