Британскиот амбасадор во Скопје потврдил дека Македонија нема да прими азиланти од Велика Британија, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, откривајќи детали од разговорите поврзани со договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји.
Таа објасни дека при потпишувањето на договорот, британскиот амбасадор Метју Лосон ѝ нагласил дека во плановите нема предвидено испраќање мигранти протерани од Лондон во Македонија.
Сиљановска-Давкова истакнува и дека генерално се противи на можноста земјата да прифаќа лица кои Велика Британија ги протерува, наведувајќи дека доколку тие претставуваат ризик за британскиот безбедносен систем, тогаш би можеле да бидат проблем и за Македонија.
Во врска со најавената резолуција од СДСМ на оваа тема, таа рече дека не гледа потреба од таков документ, бидејќи, како што посочи, не постои сценарио за доаѓање азиланти. Притоа апелира јавноста да биде внимателна и да не прифаќа сè што се појавува во дел од медиумите.
