Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им упати честитка на верниците од православна вероисповед по повод државниот празник Свети Климент Охридски. Таа ја нагласува актуелната потреба повторно да се негуваат вредностите што ја држат заедницата стабилна и сплотена.
Во честитката таа потсетува дека и денес, како и во времето на Св. Климент, општеството има потреба од заедничка и повисока цел. Таа цел ќе ги надмине разликите и ќе создаде посилни односи меѓу луѓето.
„Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро. Нека пораката на Свети Климент, за смирение, милост, знаење и заедништво, биде наш водич и наша инспирација да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење“, вели Сиљановска-Давкова.
Таа дополнително истакнува дека споменот за охридскиот светител е длабоко вкоренет не само во македонското, туку и во поширокото словенско духовно наследство.
„Како што неговиот лик ги краси нашите храмови, така неговото име го носат многу наши образовни, научни и културни установи.
Најголемото наследство на Св. Климент се писменоста и вредностите што им овозможиле на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата. Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина. Охридската книжевна школа и духовното и уметничко богатство оставиле печат врз европската цивилизација, надживувајќи империи, системи и идеологии заради трајна вредност и човечка универзалност,“ се наведува во честитката од претседателката.
