Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изрази сочувство до буарската претседателка Илијана Јотова за сообраќајната несреќа во Бугарија, во која според последните информации 11 лица загинаа во двете верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“.

-Длабоко ме потресе веста за трагичниот верижен судир во близина на Зимница, на бугарскиот автопат „Тракија“, во кој животот го загубија повеќе од десет лица, а најмалку 48 се повредени – објави претседателката на социјалната мрежа „Х“.

Сиљановска Давкова упати искрено сочувство до претседателката Јотова, како и до семејствата кои ги загубија своите блиски и до народот на Бугарија.

Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. На повредените им посакувам сила и целосно и брзо закрепнување – наведува претседателката во објавата на сочуство.

Министерскиот совет на Бугарија утре, 11 ноември, прогласи ден на жалост во спомен на загинатите во двете верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“. Две тешки верижни сообраќајни несреќи се случија денеска при густа магла на автопатот „Тракија“, во близина на патниот јазол „Зимница“, недалеку од Јамбол. Најмалку 11 лица загинаа, а речиси 50 се повредени во несреќите во кои учествувале вкупно 86 возила.