Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека младинското учество во управувањето е клучно за подобра иднина.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Билјана прими млади од Охрид, по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, нагласувајќи ја важноста на учество во управувањето.

Меѓу нив беа претставници на Младинскиот центар Охрид, членови на Младинскиот совет од Охрид и првенци на генерацијата од трите средни училишта.

Присуствуваа и креатори на еко-апликацијата „Trashpinger“, учесници во меѓународни младински размени, како и членови на Летната ликовна школа при Младинскиот центар.

Таа упати честитка по повод Меѓународниот ден на младите, нарекувајќи го „најважен празник на светот“.

Младите ги презентираа своите ИТ-вештини, како и талентите во сликарството, танцот и музиката. Најуспешните средношколци ги споделија искуствата од школувањето и плановите за иднината. Исто така, учесниците во меѓународната размена информираа за позитивните искуства од посетата.

За претседателката, Охрид ќе биде поубав, доколку се искористат знаењето, умот и талентот на младите луѓе. Возрасните мора да им овозможат на младите учество во управувањето со сегашноста, ако сакаат подобра иднина.

За сите, важна претпоставка за младинското учество во процесот на одлучувањето е донесувањето на измените на Законот за младинско учество.

Таа им се заблагодари на гостите за прекрасниот ден.