Претседателката Сиљановска Давкова учествува на UNOC3 заедно со претседателот Макрон

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде што учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3).

„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот,“ објави претседателката Сиљановска-Давкова.

Фокус на климатските промени и научната соработка

Претседателката нагласи дека целта на учеството е поддршка на меѓународната научна соработка и напорите за одржлив развој како реакција на климатските закани.

„Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат,“ истакна Сиљановска-Давкова.

Краток разговор со францускиот претседател Емануел Макрон

Претседателката посочи и дека имала можност за краток разговор со домаќинот на конференцијата, францускиот претседател Емануел Макрон.

„Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата,“ наведува таа во објавата на својот фејсбук профил.