Потсетување на историската улога на македонските револуционери
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Таа истакнува дека овој ден е можност да се потсетиме на грандиозната улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност.
„Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија,“ се наведува во честитката.
Почит кон хероите и нивните идеали
Претседателката нагласува дека денешниот празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, солидарна и демократска македонска држава.
„Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам,“ стои во честитката.
Чествувањето на 23 Октомври, според Сиљановска Давкова, е потсетување на обврската да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижа и заштита на вечните хумани принципи.
Обврска кон идните генерации и зачувување на татковината
„Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, знаење и реформи.
Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа.
Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста,“ заклучува претседателката.